Претседателот на УЕФА Александар Чеферин во официјална посета на ФФМ: Потврда за силната поддршка за македонскиот фудбал

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин денеска допатува во посета на Фудбалската федерација на Македонија. Тој беше дочекан од првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.

При посетата ќе се разговара за разни теми, од инфаструктура до развој на младите категории.

Заедно со првиот човек на европскиот фудбал, во делегацијата се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации во УЕФА.

Во рамки на посетата, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ќе оствари средба на највисоко ниво со претставници на Владата на Република Македонија, со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски, по што следува и работен состанок во „Куќа на фудбалот“.

Фокусот на разговорите е ставен на идните насоки за унапредување на фудбалот во Македонија, од реализација на значајни инфраструктурни проекти, до дополнителен развој и поддршка на младинските категории.

Александар Чеферин важи за голем пријател на македонскиот фудбал, а неговата посета е јасна потврда за заложбите на ФФМ и претседателот Омерагиќ во континуираниот развој и афирмација на фудбалот во земјата.

Дополнително, посетата се очекува да придонесе за продлабочување на соработката преку нови конкретни проекти и иницијативи под капата на УЕФА, со цел создавање подобри услови за развој на фудбалот на сите нивоа.

„Денес сме домаќини на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин. Посетата е потврда за силната соработка и поддршката што ја имаме од УЕФА. Ќе разговаравме за конкретни чекори, од инфраструктура до развој на младите категории. Продолжуваме со работа и јасна визија за напредок на македонскиот фудбал“, напиша првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Се вчитува...