Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со Министерот за спот Борко Ристовски денеска во Владата оствари средба со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин кој е во официјална посета на Македонија, на покана на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ. На средбата се разговараше за идните насоки за унапредување на фудбалот во Македонија, од реализација на значајни инфраструктурни проекти, до дополнителен развој и поддршка на младинските категории.
„Денеска остварив средба со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, каде што разговаравме за визијата, развојот и перспективите на фудбалот. Продолжуваме со силна посветеност кон создавање услови за напредок, инвестиции и нови можности за младите таленти“, изјави премиерот Мицковски..
„Убеден сум дека оваа средба ќе придонесе за продлабочување на соработката преку нови конкретни проекти и иницијативи под капата на УЕФА, со цел создавање подобри услови за развој на фудбалот во Македонија на сите нивоа. Продолжуваме посветено да работиме за развој на македонскиот спорт и создавање услови за нови успеси“, истакна Ристовски по денешната средба со првиот човек на УЕФА.

Посетата на Чеферин претставува уште една потврда за одличните односи меѓу ФФМ и УЕФА и дополнително ја нагласува поддршката за развојните процеси во македонскиот фудбал.

Заедно со првиот човек на европскиот фудбал, во делегацијата на УЕФА се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации во УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

