Промовирана автобиографската книга за Васил Рингов: На промоцијата многу „вардарци“ предводени од Дарко Панчев… (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Биографската книга „Фудбал под сенка“, посветена на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, во авторство на истакниот македонски новинар Срѓан Ивановиќ, вечерва официјално промовирана во книжарницата „Литература“ во „Дајмонд мол“.

Книгата излегува постхумно, неколку месеци по смртта на Рингов, кој активно беше вклучен во нејзиното создавање.

Денот на промоцијата, пак, како што беше потенцирано, се поклопува со датумот на раѓање на едно од најголемите имиња во македонската фудбалска историја од 20. век.

Делото, во издание на „Арс Либрис“, беше претставено од авторот Ивановиќ, уредничката Бисера Бендевска како и еден од од синовите на славниот вардаров фудбалер – Марио Рингов.

На промоцијата присутни и голем број членови од различни генерации на неговиот Вардар, а предводени од најголемата икона на македонскиот фудбал Дарко Панчев, најблискиот соиграч на Рингов и дел од „бомбастичната двојка“, како што многумина ги нарекуваа двајцата, како најдобра напаѓачка двојка во историјата на Вардар.

Беа присутни и легендарните вардарови имиња Стојмир Урошевиќ, Кочо Димитровски, Томче Трајановски, Гордан Здравков, Сашо Тодоровски, Слободан Мутибариќ, Сашо Јанев…, како и поранешниот директор на Вардар, Драган Томовски.

„Фудбал под сенка“ на искрен и непосреден начин ја раскажува животната и спортската приказна на Рингов – еден од најзначајните фудбалери во македонската и југословенската историја, чие име е тесно поврзано со успесите на ФК Вардар. Книгата нуди увид не само во неговата богата кариера, туку и во личните предизвици, размислувањата и вредностите што го формирале како спортист и како човек.

„Конечно добив шанса да ја раскажам мојата приказна без некој новинар да ме цензурира или да не сака да го објави тоа што сакам да и го соопштам на јавноста. Конечно можам да зборувам за сите работи што ми тежат на срце. Конечно можам да ја раскажам мојата приказна. Головите никогаш не ме интересирале, па затоа не сакам да зборувам за нив. Освен неколку битни погодоци, не мислам дека тоа треба да биде моето наследство. Сакам да зборувам за фудбалот, за ФК Вардар, за луѓето. За луѓето што ги обележаа мојот живот и мојата кариера…“, се вели во воведниот дел на книгата, напишана во прво лице, каде што нараторот е самиот Рингов.

 

Васил Рингов (17 април 1955 — 23 декември 2025) е роден во Струмица. Кариерата ја започнал во ФК Беласица, како тинејџер кратко време бил дел од ФК Партизан, а вистински се афирмирал во ФК Тетекс, каде што станал клучен играч. Најголемиот успех го постигнал со ФК Вардар, со кој изборил пласман во Првата југословенска лига и станал водечка фигура во текот на 1980-тите. За клубот одиграл над 200 натпревари и постигнал 93 гола.  Во кариерата имал и кратки настапи во Динамо Загреб и во Ајнтрахт Брауншвајг. Почина во Скопје, минатата година, на 70-годишна возраст.

Се вчитува...