Пуштен во употреба уште еден уреден спортски центар на кејот на Вардар

Граѓаните на Скопје добија уште еден уреден спортски простор на Кејот на Вардар. Министерот Борко Ристовски и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го пуштија во употреба реконструираниот спортски центар во Маџир маало, општина Центар.

На местото на стариот руиниран терен сега е изградено современо повеќенаменско игралиште за фудбал и ракомет и терен за кошарка со современа полипропиленска подлога.

„Овој простор ќе биде ново место за спорт, рекреација и дружење за сите генерации – за младите, за спортистите, но и за сите граѓани кои сакаат активен и здрав живот. Продолжуваме со инвестиции во спортската инфраструктура низ целата држава, затоа што нашата цел е јасна – спортот да биде достапен за сите, во секоја општина“, истакна Ристовски.

Со овој проект, локалните жители, но и сите спортисти и рекреативци добиваат уште еден современо уреден спортски центар покрај Кејот на Вардар, откако претходно беше реконструиран и пуштен во употреба и комплексот игралишта кај Луна Паркот.

Се вчитува...