Продолжуваат битките за опстанок во ПМФЛ: Арсими против Работнички, Башкими ја чека Струга ТЛ

Две последни битки во 28. коло од Првата македонска фудбалска лига, кои може да бидат клучни особено во битката за опстанок во „елитата“. Работнички може да направи голем чекор кон опстанок ако го совлада Арсими, и воедно да го „повлече“ тимот од Чегране кон „црвената зона“, а Башкими исто така може да стави „печат“ на опстанокот во дуел со Струга ТЛ, која, пак, се бори да го задржи третото место.

Башкими е во добра позиција со триумф денеска да дојде до уште една прволигашка сезона. Противсебе го има тимот на Струга ТЛ, кој оваа пролет игра во стил „топло-ладно“, но и натаму треба да „стравува“ за третото место до кое сега Силекс се доближи, и разликата е четири бодови.

„Башкими и Струга ТЛ се екипи кои играат без притисок, бидејќи навреме ги исполнија своите цели. Натпреварот се игра во недела, кога очекуваме преполн стадион и фудбалски празник. Сметам дека е дојдено време за првата победа против гостинската екипа, а нема подобар начин тоа да се случи отколку во Куманово, пред нашите навивачи,“ изјави играчот на Башкими, Хасан Сумер.

„Подготвени сме повторно да се бориме и повторно да победиме против нив. Оваа недела се подготвивме многу добро за да ја оствариме нашата цел, триумф и три бода“, изјави фудбалерот на Струга Трим Лум, Маудо Жарже.

Далеку поинтересно ќе биде на Националната Арена „Тодор Проески“, каде Работнички го пречекува Арсими. „Романтичарите“ се во серија од два порази, и едноставно на овој меч немаат право на „кикс“ затоа што Пелистер со триумфот над Македонија ЃП вчера избега на четири бодови. Ако сака четата на Муарем да се надева на опстанок, мора да го совлада Арсими.

„Само победа е опција за нас на денешниот дуел против Арсими. Почнува финалната разврска за опстанок, првенството влегува во последната фаза и нема простор за никакви грешки. Подготвени сме за надигрување и веруваме во нашиот квалитет. Ги посакуваме трите бода и тоа воопшто не го криеме“, изјави Зија Мерџани, левиот бек на Работнички.

„Екипата на Арсими е во подем, а победата против Пелистер значително ја зголеми самодовербата и мотивацијата кај фудбалерите. Оваа позитивна серија треба максимално да ја искористиме за да продолжиме со добри резултати“, изјави Дардишта.

Се вчитува...