Башкими остана со играч помалку, па доживеа „потоп“ против Струга ТЛ (ВИДЕО)

Уште една убедлива победа на Струга ТЛ над Башкими во оваа сезона во Првата македонска фудбалска лига. Стружани денеска на теренот во Куманово тримфуираа убедливо со 4-0. Еден од клучните моменти на средбата се случи во 36. минута кога домашниот фудбалер Хасан доби директен црвен картон, и така во ситуација 11 на 10, Струга ТЛ успеа да дојде до убедлива победа со еден гол во првото, и три гола во второто полувреме.

По голема грешка на одбраната, во 9. минута Алими се најде во одлична шанса, шутираше прецизно, но уште подобро одбрани Ангелети и исфрли во корнер. Претходно Алими имаше шанса во 6. минута, меѓутоа од тешка позиција на успеа да го совлада Јашар.

Нова голема шанса за Башкими, и нова одлична одбрана на Ангелети во 16. минута. Пановски доби топка по десната страна, одлично проби и влезе во шеснаесетникот, додаде до Ор, кој шутираше од 5-6 метри, но неговиот удар го одбрани голманот на гостите.

Ангелети го одбрани и обидот на Аворнијо во 29. минута од средбата.

Башкими остана со играч помалку откако Хасан доби црвен картон во 36. минута по стартот над Малески во дуел додека голгетерот на Струга ТЛ се закануваше да излезе сам пред голот на Јашар.

Струга ТЛ поведе во првата минута од судиското надополнување. Воша од десната страна центрираше до Компаоре, кој со глава го „матираше“ Јашар и донезе предност за Струга ТЛ.

Гостите од Струга доминираа во вториот дел, па една шанса имаше Малески во 74. минута кога од идеална позиција ударот му го одбрани Јашар.

Сепак, во финишот бројчната предност на теренот која ја имаа стружани дојде до израз. Башкими веќе немаше сили да се брани, а во 80. минита Компаоре доби топка на пеналтикот, и од прва шутираше во голот, Јашар одбрани, топката од пречката ја мина гол линијата и судијата Пилешков доби сигнал дека тоа е погодок за гостите.

Само две минути подоцна Малески постигна гол за 0-3 откако ја собра одбиената топка од голманот Јашар, и ја смести во мрежата. Во прв момент беше сигнализирано дека е офсајд, но потоа по прегледување на ВАР снимката, голот беше признат.

Во 86. минута и четврти гол во мрежата на Башкими. Компаоре додаде до Илиевски кој од десната страна се најде пред голот, шутираше и низ нозете на Јашар го постигнува и четвртиот погодок за гостинската екипа, што беше и конечен резултат од овој натпревар.

 

Се вчитува...