Денеска се играат првите полуфинални пресметки во Купот на Македонија, каде што двата второлигаши Охрид и Шкендија Арачиново ги предизвикуваат прволигашите Силекс и Шкендија Тетово.
Силекс гостува во Охрид на првиот натпревар, во надеж да обезбеди добар резултат пред реваншот во Кратово. Амбициите на кратовскиот тим се трофеј во Купот, откако остана без титулата во ПМФЛ, и преку тој пехар да освои во Лигата на Конференции. Охрид има свои амбиции, откако во претходната фаза го елиминираше големиот фаворит Вардар.
„Нашата цел во финишот на сезоната е трофејот во Купот, но секако дека ќе се бориме до крај и за тоа трето место во првенството. Меѓутоа со оглед на тоа што се случуваше во досегашниот тек на првенството, сега нашата приоритет е пехарот во Купот“, изјави Александар Васоски, тренерот на Силекс.
Во Тетово се игра пресметката помеѓу двете Шкендии. Шкендија од Тетово остана единствениот тим кој има шанси за двојна круна, со оглед дека е во битка за титулата и во ПМФЛ. Шкендија Арачиново, пак, ќе треба да се фокусира кон врвот во второлигашката конкуренција и пласман во „елитата“ во последните неколку кола.
„Очекувам интересен и тежок натпревар. Мораме да имаме почит кон противникот, затоа што е силен тим и покрај тоа што игра во Втората лига. Имаат многу добри натпревари и многу искусни играчи во тимот, затоа мораме овој меч да го сфатиме сериозно“, изјави Александар Трумчи, играчот на Шкендија.
КУП НА МАКЕДОНИЈА, ПОЛУФИНАЛЕ
ПРВИ НАТПРЕВАРИ
Охрид: ОХРИД – СИЛЕКС (12:00 Ч.)
Тетово: ШКЕНДИЈА Т. – ШКЕНДИЈА А. (14:00 Ч.)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

