Одличен старт и на двете македонски кадетски репрезентации, и во машка и во женска конкуренција, на Светското ракометно училишно првенство кое деновиве се одржува во Скопје.
Машката кадетска репрезентација убедливо триумфираше против Бугарија со 33-18 (11-8).
Избраниците на Горан Кузманоски беа далеку подобар тим на паркетот во салата „Македонско сонце“ во текот на целиот меч. Иако првиот дел мина со отпор на противниците, Бугарите беа тотално демолирани во второто полувреме, наметнувајќи извонреден ритам за триумф, на крај, од 15 гола разлика.
Лука Јовиќ со шест гола беше најефикасен кај Македонија, а по пет гола постигнаа Стефан Ѓорѓиевски и Трајче Костов. Со четири погодоци заврши Бобан Поповски.
Македонија утре ќе игра против Грузија, натпреварот е закажан со почеток во 10:30 часот во салата “Македонско Сонце”.
Девојките, пак, убедливо со 34-12 (17-6) ја победија селекцијата на Белгија.
Дури 13 македонски ракометарки се запишаа во листата на стрелците, а најефикасна беше Ивана Трифуноска со пет гола, а по четири гола постигнаа Мифтари, Ѓероска и Ласкоска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

