Евролигата традиционално по завршувањето на регуларниот дел од сезоната почнува со поделба на индивидуалните признанија, па по изборот за најдобар тренер (Мартинез од Валенсија), играч со најголем развој (Монтеро од Валенсија) и најдобар дефанзивец (Диало од Монако), дојде ред и на изборот на најдобрите петорки на сезоната во елитното европско натпреварување.
Традиционално, во овој избор учествуваат тренерите (35%), капитените на екипите (35%), новинарите (20%) и фановите (10%), кои ги избраа најдобрите десет кошаркари за сезонава, поделени во прва и втора петорка на сезоната.
Во идеалниот тим се најдоа двете најголеми ѕвезди на Олимпијакос, тимот што го освои првото место во регуларниот дел од сезоната. Очекувано, оваа прва петорка ја предводи Саша Везенков, кој воедно е главен фаворит и за МВП-признанието. Друштво му прави тимскиот соиграч Никола Милутинов, како и тројца кошаркари кои за првпат се наоѓаат во идеалната петорка на Евролигата, Илајџа Брајант од Хапоел, Жан Монтеро од Валенсија и Силван Франциско од Жалгирис.
Покрај првата, беше избрана и втората петорка на Евролигата, во која се најдоа Валтер Тавареш од Реал Мадрид, Кендрик Нан од Панатинаикос, Тајлер Дорси од Олимпијакос, како и тандемот на Фенербахче, Вејд Болдвин и Телен Хортон – Такер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

