Како што одминува времето и се приближува крајот на шампионатот, така битката за титулата, но и онаа за опстанок станува се поинтензивна и понеизвесна во Првата македонска фудбалска лига. Мечеви има уште малку, а оние кои што преостанаа треба да се добијат.
Лидерот Вардар не е во позиција да си дозволи нови киксеви. „Црвено – црните“ тоа пролетва веќе го направија, предноста која што ја имаа пред Шкендија се стопи и сега е само еден бод. Токму затоа избраниците на тренерот Гоце Седлоски безусловно денеска во 29. коло мора на победа против Тиквеш пред своите навивачи.
Во домашни услови на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, од 16 часот ќе го пречекаат тимот на Тиквеш. Мотивиран и пролетва сосема солиден ривал, кој што во Скопје доаѓа да ги „расипе“ плановите на противникот. Но, факт е дека резултатот на Вардар не треба да зависи премногу од противникот, туку од самата своја игра. Ако лидерот е на потребното ниво, тешко кој може да му парира.
На последните два меча одиграни меѓу овие два ривала, Вардар победи со 3-1 токму на Арената, а претходно тоа го стори и во Кавадарци со 1-2. Последен пат кога Тиквеш имаше позитива беше на 13.04.2025 година кога во Скопје одигра 2-2. Закариќ и Сенхор беа стрелци за Вардар додека Садик и Мишов погодија за Тиквеш.
Во пресрет на овој натпревар Вардар е лидер на табелата со 68 бода, додека Тиквеш е петти со 40 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

