Првиот човек на Фудбалската Федерација на Македонија, Масар Омерагиќ категорично ги отфрли обвинувањата што кружат во јавноста, дека куќата на фудбалот му помага на Вардар во трката за шампионската титула.
Омерагиќ е цврст на ставот дека првенството е регуларно, потсетувајќи дека на големите дерби дуели меѓу Вардар и Шкендија сезонава славеле гостинските екипи, при што поразените немале никакви поплаки за арбитражата.
„Секогаш ќе има напади дека Вардар се форсира. Не би рекол дека Вардар се форсира. Колку што знам, во јануари разликата беше седум бода со Шкендија, а сега е еден бод. Ако фудбалската федерација со нејзините органи работи против некого, бидете сигурни дека нема да се стигне шест бода разлика. Јас сум играл фудбал и знам дека порано имало првенства кога федерацијата работи против некого или работи за некого. Како што се сеќавам, Вардар победи во Тетово со 1-0 против Шкендија и немаше никакви забелешки за судењето од двете екипи. Исто така, ако се сеќавам добро, Шкендија победи во Скопје со 1-0 и јас не видов дека некој се пожали од судењето. Дали мислите дека Шкендија можеше да помине во Скопје? Еве, тоа отворено ви го кажувам. Можеби сте помлад, ама знаете, судија кога сака да го носи натпреварот во некој правец како ја носи“, вели Масар Омерагиќ.
Тој јасно стави до знаење дека „чаршиските муабети“ што се вртат се далеку од реалната слика за мак-фудбалот.
„Јас не сум психијатар на одредени хејтери, бидејќи гледам дека огромна е омразата кај поединци кон Вардар. Не можам јас како да сум психијатар да им се правдам како претседател дека ние некого форсираме или не. Шкендија со Арсими загуби четири бода во ова првенство, а Вардар три. Претходно го напаѓаа Арсими дека игра за Вардар? Како тоа во лигата некој некого форсира, кога само во нашата лига јас гледам дека претпоследниот може да го победи првиот и секој може против секого? Судиски грешки имало и ќе има, меѓутоа горд сум што ВАР нема ниту еден скандал. Сите одлуки на ВАР се исправни. Порачувам на сите: уцени кај нас нема да поминуваат, ниту било какви заплашувања како што имаше по мечот Вардар – Башкими. Знаеме и кој беше нарачател, трет клуб од соседни медиуми во соседни држави со разни полузакани. Фудбалската федерација е здружение на граѓани. Кој сака да игра, нека игра, кој не – без секој се може“, изјави Омерагиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

