ТАЈМАУТ: Селекторски маки големи

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Во мак-баскетот не може да е мирно, во А тимот вообичаено е затишје барем во летниот период, но овојпат бурата почна нешто порано. И не е поврзана со (не)играње на еден или повеќе кошаркари, туку со дискусуите колку треба да траат подготовките на националниот тим, конфликт што може да донесе и до селекторска смена.

Јорданчо Давитков може да остане селектор само под услови што ги диктира неговиот клуб, кои налагаат тој да не биде надвор од Кувајт повеќе од триесетина дена, додека настојувањето на Петар Наумоски како претседател на МКФ е истите да траат најмалку 40 дена. Селекторот вели дека издејствувал најмногу што може од клубот, за првиот човек на федерацијата тоа не е доволно… Единствено добро е што и двете страни се свесни дека се нема премногу време за губење, па конечната одлука ќе биде донесена во најскоро време – од страна на Наумоски.

Да се потсетиме, подготовките беа „утнати“ и минатиот месец. Тогаш селекторот даде датум за почеток, само што половина репрезентативци веќе имаа резервирано одмори, па се презакажа за една седмица подоцна. Се тренираше… и на крајот се загуби од Швајцарија. Можеби затоа сега претседателот сака посериозни подготовки, но на вчерашната прес-конференција тој не беше присутен, да објасни колку е сето тоа легитимно, и што е најважно – дали кога веќе инсистира селекторот да му биде на располагање 40 дена, истото тоа ќе важи и за кошаркарите.

Затоа што станува збор за ФИБА-прозорец во кој на федерациите и клубовите јасно им се дава до знаење колку точно денови играчите можат да бидат на располагање на националните тимови. А тешко е за верување дека таа бројка е 40, токму во периодот кога клубовите ги формираат своите ростери, настојуваат да ги воиграат новите играчи и да создадат тимски дух, повеќе од половина лето да бидат без клучните кошаркари препуштајќи ги на репрезентациите. А доколку потоа клубови не ги пуштат кошаркарите, а се покаже дека за тоа ФИБА им дава апсолутно право, а во меѓувреме сте го смениле селекторот од истата причина, тоа би била апсолутна бламажа.

Друга работа е кој би бил следниот потег доколку одлуката е да дојде до разделба од Давитков. Затоа што Македонија од поодамна не е атрактивна репрезентација што би ја водел некој пореномиран странски тренер. Го знае тоа и Наумоски, кој по заминувањето на Србиновски по Евробаскето 2015 (не толку одамна, Македонија играше и на европски шампионат), разговараше со звучни имиња, а на крај го избра – Драган Раца, најдобриот писател меѓу кошаркарските тренери, за нас попознат како најслаб селектор во македонската историја.

Изборот тогаш би морал да падне на некој домашен стратег, но и таму речиси сите имаат клупски ангажмани (Илиевски, Докузовски, Рајковиќ…), па сигурно ќе се соочат со слични проблеми како и Давитков.

Се чини лесен избор нема, но топката е кај Наумоски, кој редно време е еднаш кога станува збор за репрезентацијата да погоди и да донесе и вистинска одлука. Доколку проблемот со Давитков навистина е во бројот на денови за подготовки. Доколку е нешто друго, барем нека се излезе во јавност и гласно нека се каже, за одлуката да има легитимитет, а не да означи почеток на нова македонска кошаркарска сапуница.

Се вчитува...