Македонската кошаркарска репрезентација до 20 години веќе обезбеди пласман во А-дивизија на Европското првенство следната година, а сега цел на нашите момчиња е освојување на трофејот на Европското првенство Б-дивизија.
По вчерашниот полуфинален триумф над Украина, избраниците на Василев по 2007 година ја вратија Македониај во елитата во оваа старосна граница, а сега цел е и освојување на златниот медал против веќе познатиот противник Чешка.
Токму со Чешка нашите кошаркари го отворија овој шампионат, а во тесен и неизвесен натпревар Чесите беа поуспешни. Време е за реванш и тоа во најважниот натпревар на ова првенство.
„Среќни сме за победата, но немаме многу време за славје бидејќи пред нас е нов предизвик, големото финале во кое ќе атакуваме на нова победа. Тактички и физички сме добро подготвени за овој напорен турнир, ни останува уште на финалето да прикажеме уште една добра партија и да стигнеме до пехарот што го посакуваме“, вели Василев.
Слично размислува и Амар Хот…
„Среќни сме за победата против Украина во полуфинлето. Но реално, немаме многу време за славје бидејќи пред нас е нов предизвик, големото финале во кое ќе атакуваме на нова победа. Клише е ако се каже дека добро се познаваме со Чесите, не само што игравме во првото коло, кое е сега далеку зад сите нас. Важеа за фаворити, го оправдаа тоа. Но и ние не сме го кажале својот последен збор“, вели Хот.
Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан за 21 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА