А-тим: Отпаѓа Бејтулаи, најверојатно и Хасани…Зајков, и најверојатно Спировски, ќе добијат повик

Денешното 23.коло од Првата фудбалска лига на Македонија донесе дополнителни проблеми и за селекторот на А- репрезентацијата, Игор Ангеловски. Дефанзивецот на Шкендија, Егзон Бејтулаи, се повреди посериозно на гостувањето во Штип против Брегалница и веднаш беше повлечен од теренот, а се работи за истегнување на бутниот мускул, и тој дефинитивно нема да биде во можност да влезе во комбинација за настап на квалификацискиот меч против Лихтенштајн на 24.март во Вадуз и пријателскиот натпревар со Белорусија на 28.март во Скопје.

На неговото место, Игор Ангеловски се очекува да му упати повик на Ѓоко Зајков, членот на младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година, кој настапува за белгиски Шарлроа.

Многу неизвесна е и можноста Ферхан Хасани да биде максимално способен за настап на претстојните репрезентативни активности. Токму затоа, во опција е повик и за нов играч за врска. На денешниот меч на Вардар во вториот дел настапи Стефан Спировски, па по дополнителни консултации со играчот и со лекарскиот тим на Вардар, можно е Ангеловски и него да го повика во националниот тим за претстојните два меча.

Се вчитува...