АБА го загуби загарантираното место во Евролигата

АБА-лигата почнувајќи од сезоната 2019/2020 повеќе нема да има загарантирано место за шампионот од регионалното натпреварување да игра во Евролигата. Договорот што АБА го има со ЕКА како организација што раководи со Евролигата е со важност до 2020 година, а истиот нема да биде продолжен, туку првакот на АБА-лигата само ќе има „приоритет“ при давањето на вајлд-карта.

Денешниот состанок на акционерите на ЕКА го потврди загарантираниот статус на 11-те клубови со „А“ лиценца (Реал Мадрид, Барселона, Басконија, Фенербахче, Ефес, Олимпијакос, Панатинаикос, ЦСКА, Макаби, Жалгирис и Армани), а двогодишни лиценци им беа доделени на Асвел и на Баерн Минхен.

Досегашната пракса беше Еврокупот да даде само еден учесник во Евролигата (шампионот од претходната сезона), а пласман во елитното друштво да има и за шампионот на АБА, како и за најдобрите тимови од Шпанија, Германија и од ВТБ-лигата не сметајќи ги екипите со А-лиценца. Сепак, со денешната одлука Еврокупот од едно доби две места во Евролигата, а од останатите четири земји (или региони), само три ќе добијат зелено светло за учество во елитното европско натпреварување.

Во соопштението на Евролигата е потенцирано дека првакот на АБА ќе има приоритет при доделувањето на „специјални покани“, но сепак постои сериозен сомнеж дека по потреба екипите од регионот можат да бидат изиграни за нечии повисоки интереси.

Се вчитува...