АБА: МЗТ Скопје гостува кај доскорешниот селектор на Македонија

МЗТ Скопје денеска од 21 часот продолжува со настапите во АБА лига. По триумфот над Мега во последното коло овој пат избраниците на Александар Петровиќ ги очекува гостување кај Игокеа на нашиот доскорешен селектор Драган Бајиќ.

Аеродромци во Александровац ќе бараат влез во победничка низа, но нема да биде лесно против разиграниот противник кој во досегашниот дел од сезоната забележа четири победи. Тоа добро го знае и лидерот на „штрковите“, Александар Петровиќ кој очекува тежок натпревар.

„Пред се очекувам добар натпревар бидејќи Игокеа е една од екипите кои играат најубава кошарка во АБА. Најопасна им е надворешната линија на која посебно ќе посветиме внимание при подготовката на натпреварот. Ако успееме да ги сопреме нивните бекови и ако ја исконтролираме нивната игра „два на два“, тогаш ќе може да се надеваме на добар резултат. Во „Лакташи“ сигурно не одиме однапред да се предадеме, туку одиме да се бориме до самиот крај. Па, ако ни се укаже можност, ќе направиме се за да го изненадиме силниот домаќин“, вели Петровиќ.

Последното гостување на МЗТ Скопје во „Лакташи“ заврши со победа во која беше надмината границата на сто постигнати поени, а лидер на „сино-белите“ тогаш беше Дамјан Стојановски со 23 поени и речиси перфектна реализација (5/6 за два и 4/5 за три поени).

Се вчитува...