АБА-лигашките натпревари за МЗТ Скопје продолжуваат денеска од 16 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде гостува Борац од Чачак. Овој натпревар е од голема важност за „сино-белите“ кои мораат да слават против српскиот тим за да се најдат во што поповолна ситуација во битката за опстанок.
Четата на Александар Петровиќ во овој меч влегува и со огромен проблем на бековската позиција од каде замина Бре Ајви, па сега без Американецот „штрковите“ ќе мораат да го најдат решението за засилениот противник.
Дваесетишестгодишникот беше еден од клучните играчи за аеродромскиот состав во последните три средби во регионалното првенство бележејќи просек од 12.6 поени, 5 асистенции и 4 скока, притоа имајќи огромен придонес во одбранта.
View this post on Instagram
Во тој поглед одговор се очекува од Мајкл Кефи, најдобриот асистент на АБА за месец ноември, но и од македонските бекови како Дамјан Робев кој добрите настапи во македонското првенство ќе мора да ги преслика на регионалната сцена.
За да се надева на победа МЗТ Скопје денеска ќе мора да го спречи добриот проток на топката на противникот и да ги сведе „отворени“ обиди на минимум со оглед на „шутерскиот“ арсенал на противникот, но и да ја добие битката под обрачите против искусните Лешиќ и Миловановиќ, како и младиот Томашевиќ.
МЗТ Скопје и Борац Чачак за прв пат ќе си ги одмерат силите во АБА1 првенството, но овие тимови добро се познаваат од мечевите одиграни во АБА2. Во досегашните четири натпревари двата тима успеваа да го одбранат домашниот терен, а дали традицијата ќе продолжи останува да видиме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА