АБА2: Македонската сараевска драма со среќен крај за МЗТ Скопје

Македонското дерби на АБА2 лигата му припадна на МЗТ Скопје откако во неизвесна завршница успеа да го совлада Работнички со 84-82. Избраниците на Кочов во поголемиот дел од средбата го контролираа резултатот, но падот во играта на крајот на третата четвртина целосно ги врати центарци во игра и донесе драма.

Двата тима се мачеа во реализацијата на почетокот на средбата, а прв иницијативата ја превзема Работнички кој го искористи отсуството на Олуџоби во рекетот, кој брзо направи две лични грешки. Аеродромци се одржуваа во игра благодарение на скокот во напад, па по 10. минути игра на семафорот стоеше предност за „црвено-белите“ од 17-21. Со влезот на Карачиќ, МЗТ Скопје го заштити рекетот, на спротивната страна проработе и шутот за три поени па „сино-белите“ го превземаа и водството. На Работнички не му помогна ниту третата лична грешка на Бундовиќ, па МЗТ Скопје стигаше и до лесни поени под противничкиот обрач. Агресивната одбрана на „штковите“ врз бековската линија на „црвено-белите“ го наруши нападот на центарци во „пик“ играта, па Работнички беше приморан да се осврне на шутот за три поени, кој не ги служеше избраниците на Мираковски во првото полувреме (41-34).

Бундовиќ на отварањето на второто полувреме ја заработи и четвртата лична грешка, но брзо бонусот го искополни и МЗТ Скопје, а во проблем со лични грешки влезе Крстевски. Аеродромци го одржуваа водството со добрата игра под рекетот, а Работнички остана во игра преку слободните фрлања, благодарение на големиот број на лични грешки од играта „два на два“. Во еден момент „сино-белите“ имаа предност и од +13 (61-48), меѓутоа преку „тројките“ на Николовски, Балмазовиќ и Мулалиќ, Работнички дојде на еден напад негатива на истекот на 30. минута (63-61) и наговести неизвесна завршница. Со неспортската лична грешка на Стојановски, а потоа и фаулот на капитенот на МЗТ Скопје над Балмазовиќ на шутот за три поени, Работнички го превзема водството во 35. минута од средбата (70-73), но не успеа да ги искористи грешките на „сино-белите“ и дополнително да го зголеми водството.

Влезот на Олуџоби на паркетот ја стабилизираше играта на аеродромци, а преку добрата енергија на Американеот, избраниците на Кочов повторно ја земаа иницијативата во свои раце. Неизвесниот натпревар во кој двата тима во завршницата го менуваа водството траеше се до последниот напад на средбата кога при резултат 81-80, Питс имаше шанса да му донесе победа на својот состав, но за среќа на аеродромци, Американецот промаши, а по неспортската лична грешка на Балмазовиќ, „сино-белите“ ја осигураа победата.

Предводник на „сино-белите“ со 19 поени и 6 скока беше Бојан Крстевски, додека по 14 поени забележаа Андрија Бојиќ и Дамајан Стојановски. Капитенот на МЗТ Скопје додаде и 6 скока. Дамиер Питс беше првото име во Работнички со 20 поени и 12 асистенции, Љубомир Младеновски додаде 17 поени и 8 скока, додека со по 14 поени средбата ја завршија Балмазовиќ и Мулалиќ.

 

Се вчитува...