Македонските екипи со денешната ждрепка ги дознаа противниците за новото издание на АБА2 лигата, во која и во следната сезона ќе има три претставници од нашата земја, финалистите од плејофот МЗТ Скопје и Пелистер, како и тимот на Работнички, кој се враќа на регионалната сцена откако ја доби посакуваната вајл-карта за учество во регионалното натпреварување.
МЗТ како тим со најголемо реноме во регионот беше носител на ждрепката, а „металците“ добија навистина одлична група. Тие ќе играат по системот дома-гости со Хелиос, Цедевита јуниор и со Теодо, со што македонскиот првак е голем фаворит за продолжување на настапот во следната рунда од натпреварувањето.
Вицешампионот Пелистер е дел од групата Ц во која уште се наоѓаат и Подгорица, тим што лани го елиминираше Златибор во плејофот од АБА2, потоа Широки бријег и составот на Вршац.
Работнички исто така ќе има посериозен предизвик за да се пласира во следната фаза од АБА2, откако „центарци“ беа извлечени во групата Б со Војводина, Босна и со Сутјеска. Пелистер во првото коло ќе ја пречека екипата на Широки бријег во Битола, а Работнички исто така ќе биде домаќин на почетокот на сезоната, со меч против Сутјеска.
Двете најдобри екипи од секоја група обезбедуваат пласман во следната фаза, каде повторно ќе бидат формирани две групи од по четири тима.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА