„Абердин нема добиено ниту една понуда за Бојан Миовски“

Бојан Миовски имаше сезона за паметење во дресот на Абердин, постигнувајќи 26 погодоци за овој клуб во сите натпреварувања, со што македонскиот голгетер го привлече вниманието на бројни клубови ширум Европа.

Во изминатиот период се говореше за понуди од Феенорд, Болоња, Саутемптон, Селтик, Глазгов Ренџерс… но директорот на Абердин, Алан Буроус, во изјава за шкотските медиуми изненади обелоденувајќи дека овој клуб не добил ниту една конкретна понуда за Бојан Миовски.

„Можеби не сум најнеутрален на темава, но за мене Бојан Миовски е најдобриот напаѓач во шкотската Премиер-лига. Тој е играч кој беше феноменален за Абердин, имаше две извонредни сезони и не се сомневам дека ќе заигра во една од најдобрите пет лиги во светот во наредните неколку години. Затоа, изненаден сум што немаме добиено ниту една понуда за Миовски во овој преоден рок. Можеби целиот процес се одложува поради одржувањето на ЕВРО 2024, но знам дека многу се пишуваше за интерес за Бојан од клубови ширум Европа, а реалноста е дека ние не добивме ниту една понуда. Веќе кажавме дека Миовски е под договор со нас и ќе го задржиме доколку не добиеме понуда што ја сметаме за задоволителна“, изјави Буроус.

Шкотскиот клуб бара отштета од шест милиони евра за трансферот на македонскиот репрезентативец.

Се вчитува...