Абрамович потврди: Со тешко срце го продавам Челси

Првиот човек на Челси, Роман Абрамович и официјално потврди дека поради инвазијата на Русија во Украина и сето тоа што се случува на истокот на Европа ќе го продаде клубот. Тој вели дека му е жал што ќе мора на ваков начин да се раздели со клубот со кој е многу поврзан, но дека е оваа одлука е во најдобар интерес на лондонскиот тим.

Тој се надева дека ќе има шанса уште еднаш да дојде на „Стемфорд бриџ“ и на вистински начин да се прости од фановите.

„Би сакал да се осврнам на шпекулациите во медиумите во изминатите неколку дена во врска со мојата продажба на ФК Челси. Како што кажав и претходно, секогаш сум носел одлуки кои се во интерес на клубот. Во сегашната ситуација, затоа донесов одлука да го продадам клубот, бидејќи верувам дека тоа е во најдобар интерес за навивачите, вработените, како и спонзорите и партнерите на клубот.

Продажбата на клубот нема да се одвива брзо, туку ќе следи соодветна процедура. Нема да барам никаква заработа, ова никогаш не било за бизнис или пари за мене, туку за чиста страст кон фудбалот. Дополнително, му наложив на мојот тим да основа добротворна фондација каде што ќе се донираат сите нето приходи од продажбата. Собраните средства ќе бидат донирани на сите жртви на војната во Украина. Ова вклучува обезбедување на критични средства за итните и непосредни потреби на жртвите, како и поддршка на долгорочната работа на закрепнување. 

Мора да знаете дека ова беше неверојатно тешка одлука за носење и ме боли што се разделувам со клубот на овој начин. Сепак, верувам дека ова е во најдобар интерес на клубот.

Се надевам дека ќе можам да го посетам „Стемфорд Бриџ“ за последен пат за да се збогувам со сите вас лично. Беше животна привилегија да се биде дел од ФК Челси и горд сум на сите наши заеднички достигнувања. Фудбалскиот клуб Челси и неговите поддржувачи секогаш ќе бидат во моето срце. Ви благодарам, Роман“, стои во соопштението на Абрамович. 

Ерата на Абрамович во Челси завршува како најуспешна во историјата на клубот од Лондон. Челси во овој период по пет пати ја освојуваше Премиер-лигата и ФА купот, двапати беше шампион во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, а освои трофеи буквално во сите можни натпреварувања.

Се вчитува...