Младата репрезентација на Македонија го одработе последниот официјален тренинг во 14. часот пред натпреварот од квалификациите за пласман на Европско 2023 против незгодната селекција на Фарски Острови. Противникот во досегашниот тек од квалификациите освои 4 бода, посебно изненадувачки е одиграното реми на домашен терен против апсолутниот фаворит во групата, селекцијата на Франција.
Играчот за врска на младата репрезентација на Македонија Али Адем со нетрпение го очекува утрешниот натпревар, целта е јасна на сите фудбалери, а тоа е забележување на првата победа во овие квалификации.
„Максимално сме фокусирани на натпреварот со Фарски Острови, со нетрпение го очекуваме утрешниот дуел. Имаме доволно време да се прилагодиме на временските прилики тука, и да се подготвиме што подобро за мечот. Идеме чекор по чекор, верувам во моите соиграчи, имаме квалитет и доколку одиграме како што од нас очекува селекторот, ке ја оствариме целта, а тоа е да се вратиме дома со три бода. Нема да биде лесно, во денешниот фудбал нема слаба репрезентација, истото важи и за нашата група. Фарски Острови е незгодна селекција, поготово кога игра на домашен терен. Играме на мал стадион, со вештачка трева, нема да биде лесно, но ќе дадеме се од себе за да ги освоиме трите бода“, вели Адем.
Mакедонија утре со почеток во 15. часот во Класвик игра против Фарски Острови во рамките на групата Х од квалификациите за пласман на Европското 2023 кое ќе се одржи во Романија и Грузија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА