Аријан Адеми веќе жали за одлуката да си замине од Динамо Загреб и да се пресели во Пекинг Гуан, откако македонскиот репрезентативец не успеа да се адаптира на животот во Далечниот исток. Иако почна со неколку одлични настапи за новиот клуб, Адеми последните три натпревари ги мина на клупата за резерви, на два од нив воопшто не влегувајќи, на третиот стапнувајќи на терен дури во 91. минута.
Челниците на Пекинг се подготвени за разделба доколку пристигне интересна понуда, a моментно на маса се две опции. Првата е враќање назад во Динамо Загреб, откако челниците на хрватскиот клуб тргнаа во офанзива за потпис на екс-капитенот во обид да го запрат „земјотресот“ во клубот по слабиот старт на сезоната во домашното првенство и елиминацијата во квалификациите за ЛШ од АЕК.
Покрај Динамо, сериозен интерес за македонскиот репрезентативец покажува и Трабзонспор, на чија клупа седи Ненад Бјелица, хрватскиот стратег со кого Адеми имаше беспрекорна соработка кога тој седеше на клупата на хрватскиот шампион. Трабзон испрати понуда за едногодишна позајмица на Адеми, но челниците на Пекинг чекаат за одговор во надеж дека ќе добијат подобра опција за разделба од македонскиот репрезентативец.
Едно е речиси сигурно, Аријан Адеми во следниот период ќе стави крај на кинеската авантура и ќе се врати назад во Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

