Адеми и Ристовски го изненадија најголемиот „динамовец“ од Македонија: „Сега можам да умрам!“ (ФОТО)

Динамо Загреб приреди пријатно изненадување за најголемиот свој навивач од Македонија, Горан Адамовски кој денеска ги посети „модрите“ во нивната база за време на престојот во Скопје, хотелот „Хилтон“.

Адамовски важи за можеби најголемиот вљубеник од Македонија во повеќекратниот хрватски шампион од земјава, кој има и три тетоважи на своето тело како знак на почит и љубов кон Динамо Загреб.

Па, попладнево доби дрес со потпис од сите фудбалери на Динамо Загреб, а притоа од клубот му организирале и директна средба со македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски, што било огромно изненадување за него и прва средба во животот со асовите на Динамо и македонската селекција.

„Сега можам слободно да умрам“ – истакнал на шега Адамовски по средбата со Адеми и Ристовски.

Претходно, во изјава и за официјалната клупска страна на Динамо Загреб, македонскиот навивач истакна дека љубовта кон Динамо му е од најмала возраст а првиот натпревар го гледал на „Максимир“, Динамо – Селтик, во 1998 година.

„Тогаш уште се градеше северната трибина на Максимир, имав само 16 години, од Скопје со воз дојдов во Загреб. Не знам од каде доаѓа оваа љубов бидејќи татко ми не беше фудбалски фанатик, но јас сум навивач за Динамо од мал. Само Динамо и никој друг. Имам три тетоважи посветени на мојот омилен клуб и тие ќе бидат таму до мојата смрт… Вечерва? Поминување во следната рунда, дали некој се сомнева во тоа?“ – вели Горан Адамовски.

Се вчитува...