Аријан Адеми со Динамо Загреб успеа да се пласира во осминафиналето од Лигата на Европа, откако хрватскиот првак во извонреден натпревар го совлада Плзен со 3-0, надополнувајќи ја негативата од 1-2 од првиот меч во Чешка. „Модрите“ бодрени од фановите на преполниот „Максимир“ одиграа фантастично, уште во првото полувреме поведувајќи со 2-0 со головите на Орсиќ и на Дилавер. Печат на натпреварот во вториот дел стави Петковиќ, за заслужен пласман на Динамо во следната рунда од ова европско натпреварување.
Стефан Ристовски со Спортинг не успеа да приреди изненадување во Шпанија, неговиот тим остана непоразен против Вилјареал (1-1), но сепак е елиминиран поради минималниот пораз од 0-1 на првиот натпревар во Португалија. Спортинг поведе во финишот од првото полувреме преку Фернандеш, но голот вреден осминафинале за „жолтата подморница“ го постигна Форналс во 80. минута. Ристовски беше стартер во тимот на Спортинг, но го напушти теренот во 83. минута, кога гостите тргнаа во офанзива и безуспешно се обидуваа да постигнат и втор гол.
Својот настап во Лигата на Европа вечерва го заврши и Елиф Елмас, кој по победата на првиот меч од 1-0 над Зенит, вечерва со Фенербахче загуби во Санкт Петербург 3-1 и беше елиминиран од европското натпреварување. Елмас ги одигра сите 90 минути, во самиот финиш доби жолт картон, а како пресуден се покажа голот на Азмун во 76. минута, по катастрофалната грешка на еден гостински дефанзивец.
Арсенал ја надмина негативата од еден гол од првиот меч против БАТЕ Борисов и лесно го совлада белорускиот првак со 3-0 на реваншот во Лондон. Волков со несмасна интервенција ја смести топката во сопствената мрежа по неполни четири минути игра за водство на „топчиите“, а останатите два гола ги постигнаа дефанзивците на Арсенал, Мустафи и Сократис, по корнерите што ги изведе Џака.
Наполи и на вториот натпревар беше подобар од Цирих, овојпат славејќи на домашен терен со 2-0 со погодоците на Верди и на Оунас. Место во осминафиналето обезбеди и Ајнтрахт, по победата од 4-1 над Шахтјор Доњецк. Головите на Јовиќ и на Халер за водство од 2-0 по првото полувреме беа доволни за бундеслигашот да го елиминира украинскиот гигант, кој во вториот дел успеа само да постигне почесен погодок преку Мораеш, пред Ајнтрахт да постигне уште два гола за печат на убедливата победа.
Резултати Лига Европа:
АРСЕНАЛ – Бате Борисов 3-0, ВАЛЕНСИЈА – Селтик 1-0, АЈНТРАХТ – Шахтјор 4-1, ДИНАМО ЗАГРЕБ – Плзен 3-0, НАПОЛИ – Цирих 2-0, САЛЦБУРГ – Бриж 4-0, ЗЕНИТ – Фенербахче 3-1, ВИЛЈАРЕАЛ – Спортинг Л. 1-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА