Ријека му нанесе тежок пораз од 4-0 на Динамо Загреб во дербито на 23. коло од хрватскиот шампионат, па сега сериозно ита во битката за шампионската титула, задржувајќи бод предност во однос на второпласираниот Хајдук но и цели седум бода пред Динамо Загреб.
Македонскиот интернационалец Аријан Адеми кој играше до 73. минута на мечот им се извини на навивачите на клубот за изданието на тимот.
„Видовте се. Заслужија да не победат. Им се извинуваме на сите. Мораме да продолжиме многу подобро. Имаме два големи натпревари, Осијек во Купот и Хајдук во првенството, на кои мора да победиме без разлика на се“ – изјави по вчерашниот меч Адеми.
Фудбалерите на Динамо по натпреварот разговараа со своите навивачи на стадионот во Ријека. На новинарско прашање што им кажале, Адеми рече дека тоа ќе остане меѓу нив.
„Мораме да ги покриеме ушите и да продолжиме. Мора да работиме уште повеќе, нема откажување. Секоја година сме мотивирани да ја земеме титулата, вклучително и оваа. Можеби сме во нокдаун, но можеме да излеземе од него. На секој натпревар мораме да бидеме уште подобри во однос на енергијата, тоа е клучот за се. Сите знаеме да играме, но енергијата ја носи титулата“ – заклучи Адеми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА