Раул Гонзалес вечерва против Кил за последен пат пред домашната публика ќе го предводи Вардар во Лигата на шампионите. Шпанецот што му донесе прва европска титула на Вардар, од следната сезона ќе го предводи францускиот ПСЖ.
Ако Вардар вечерва го мине Кил, „ел команданте“ ќе има уште два меча со „црвено-црните“ на Ф4 во Келн и шанса „црвено-црната“ епизода во својата тренерска кариера да ја круниса и со втора шампионска титула. Вечер салата ќе биде исполнета до последното место, за Вардар и за збогум на „ел команданте“.
„Ова е последен меч од Лигата на шампионите сезонава во Скопје. Имаме еден гол разлика од првиот натпревар и сметам дека ова е добар резулта. Сега играме дома пред нашите навивачи. Не се опуштаме, свесни сме дека Кил има квалитет. Моите ракометари се подготвени и сакаме уште еднаш да играме во Келн“ – порача Раул Гонзалес.
Тивкиот Шпанец „воведе“ македонски во интернационалниот состав на вардарци, ја освои македонската публика со својата тренерска генијалност, со резултатите и со европската титула. Раул Гонзалес стана омилен во Македонија и препознатлив во Европа по оној симпатичен македонски со шпански акцент на кој им дели совети на вардарци и ја спроведува тактиката за која противниците обично, немаат одговор. Со Вардар лани го донеше шампионскиот пехар од Келн, со почит салутираше пред македонската публика и стана „ел команданте“.
Раул Гонзалес во изминативе четири години зад себе остави неизбришлива трага во историјата на Вардар и на македонскиот клупски ракомет. Во Скопје дојде тивко на почетокот на 2014 година, со препорака од Талант Душебаев и со желба да ја докаже својата тренерска умешност на голема сцена. Спојот со Вардар се покажа како добитна комбинација и за шпанскиот тренер и за македонскиот шампион.
Во изминативе четири години под водство на Раул Гонзалес, Вардар е редовно во Топ 8 во европската елита. На клупата на „црвено-црните“, „ел команданте“ до вечерашниот дуел со Кил, има 72 натпревари во ЛШ во кои има запишано 45 победи, 20 порази и седум реми.
Тренерската приказна на Раул Гонзалес со „црвено-црните“ тргна победнички, а ред е така и да заврши. Дебито во ЛШ на клупата на макеоднскиот шампион беше на 9 февруари 2014 година, Вардар славеше победа на домашен терен против Динамо Минск (30-22). Во оваа сезона вардарци стигнаа до своето прво четвртфинале во новиот формат на ЛШ и несреќно беа елиминирани од Фленсбург кој потоа ја освои титулата во ЛШ.
До четвртфиналето, Вардар со Раул Гонзале стигнуваше и во наредните две сезони. А, потоа во четвртиот обид конечно дојде и пласманот на Ф4 во Келн, две големи победи против Барселона и ПСЖ и Вардар на европскиот подиум.
Вардар сезонава ја брани европската титула. И покрај сите турбуленции и потреси во клубот најавени уште со онаа изјава на газдата пред стартот на сезоната, Раул Гонзалес успеа да го сочува мирот во тимот и максималната професионалност до крај. Секој си го бараше „чарето“ за својата иднина, па и Раул Гонзалес уште во октомври минатата година се договори со ПСЖ, но сето тоа не остави ни најмала трага на играта и на резултатите. Кога ќе излезеше Вардар на терен беше европскиот шампион, силен и единствен и долго сезонава непоразен во големото друштво.
Минатонеделниот натпревар против Кил во „Шпаркасен Арена“ беше само уште еден доказ за генијалноста на Раул Гонзалес и за моќта на вардарци под негова команда.
Вечерва Раул Гозалес се збогува со скопската публика, но само од настапите во Лигата на шампионите. Останува до крајот на сезоната и финишот на домашна сцена и одбраната на титулите во суперлигашкиот плеј-оф и во Купот на Македонија.
А, останува Раул Гонзалес блиску до македонската публика и на подолг рок, во својата селекторска улога на клупата на македонската репрезентација, според договорот до олимписката 2020.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА