МЗТ Скопје во второто коло го претрпе и вториот пораз на стартот од АБА-лигата, повторно очекуван откако „металците“ загубија на премиерата на домашен терен од Партизан со убедливи 74-92. Евролигашот се покажа во одлично светло, уште во првата четвртина си осигура одлична предност по која не дозволи победата во ниту еден момент да му биде доведена во прашање. МЗТ немаше одговор за одличните гостински играчи, а на Петровиќ и неговите избраници им престои период во кој треба уште повеќе да се напредува доколку се сака да се влезе во победнички ритам кога и распоредот ќе биде далеку полесен за аеродромци.
Дуелот почна многу лошо за македонскиот првак, откако Партизан за една минута поведе со 0-6, па по двете атрактивни забивања на Лесор, тренерот Петровиќ беше принуден веднаш да побара тајмаут. „Црно-белите“ имаа и 0-9, пред Кафи да погоди тројка, за првите поени за МЗТ по неколку години пауза во „Јане Сандански“ во АБА1-лигата. „Металците“ имаа големи проблеми со реализацијата, во првата четвртина промашија дури осум тројки, а постот од пет минути без поени го прекина Ајви со положување од контранапад. Партизан умешно ја зголемуваше предноста, па со тројката на Ексум стигна и до првото двоцифрено водство (5-17, 8. минута), за гостите од Белград да ја завршат првата четвртина со убедлива предност од 9-25.
Втората четвртина донесе поизрамнета игра, „металците“ полесно го наоѓаа патот до кошот на противникот, предводени од Војдан Стојановски и неговите две тројки, а кога Кафи погоди од далечина негативата се спушти на 12 поени (26-38). Во финишот од четвртината за Партизан блесна Џејмс Нанали, па избраниците на Жељко Обрадовиќ на одмор заминаа со убедливи 32-48.
Миќовиќ погоди две тројки на стартот од третата четвртина, МЗТ намали на 38-48, а Обрадовиќ мораше да побара тајмаут за да го разбуди својот тим. Партизан одговори со нова серија, па со тројката на Пантер гостите за првпат ја минаа границата од 20 поени предност (46-67). Третата четвртина заврши со водство на гостите од 52-69, предност што „црно-белите“ рутински ја одржуваа и во последните десет минути, за на крајот заслужено да слават со конечни 74-92.
;Миќовиќ реализираше 18 поени и ги предводеше стрелците кај МЗТ, Кафи постигна еден поен помалку и имаше уште шест асистенции, центарот Максвел на камбекот по повредата постигна 13 поени, додека Војдан Стојановскси го заврши мечот со 11 поени.
МЗТ Скопје во следното коло му гостува на тимот на Будуќност, уште еден меч на кој македонскиот првак ќе ја има аутсајдерската улога.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА