МЗТ Скопје одигра шампионски на вечното дерби против Работнички, декласирајќи го големиот ривал со 59-73, за нова шлаканица на „центарци“ кои бележат катастрофални резултати во сезоната во која најавуваа атак на трофејот. Аеродромци одиграа тактички перфектно, дури и без помошта на Бојан Крстевски го надмудрија големиот противник, доминираа во голем дел од мечот во СРЦ „Кале“ и му нанесоа убедлив пораз на скопскиот ривал.
МЗТ подобро го отвори натпреварот и поведе со 0-6 на самиот почеток, но „центарци“ имаа одговор, како што одминуваше времето Работнички влегувапво посакуваниот итам, па „центарци“ до крајот на четвртината израмнија на 14-14, период во кој и двата тима имаа проблеми со реализацијата на своите напади. Крајот на првата четвртина донесе и прекин откако за време на паузата најпрвин беше фрлена хартија, а потоа и пиротехнички средства на теренот, по што судиите почекаа страстите да се смират пред дербито да продолжи.
Кога мечот конечно продолжи, двата тима продолжија со цврсти одбрани, но и проблеми во нападот менувајќи се во водство без притоа еден од вечните ривали посериозно да се одлепи резултатски. МЗТ конечно влезе во ритам пред самиот крај на полувремето, почнувајќи од тројката на Војдан Стојановски, за потоа аеродромци со поените на Андоновски со звукот на сирената да заминат на одмор со седум поени предност (25-32).
Доминацијата на аеродромци почна и на стартот од второто полувреме, во кое МЗТ набрзина стигна до четиринаесет поени предност (27-41), принудувајќи го немоќниот Мираковски на нов тајмаут. Сино-белата доминација продолжи, па МЗТ имаше и „плус петнаесет“ (32-47), потоа и со шеснаесет поени предност (34-50), а во последната четвртина се влезе со водство на МЗТ од 44-55 по тројката што ја погоди Стојан Ѓуроски. Сите шанси за камбек експресно исчезнаа, „металците“ продолжија со одлично издание, не дозволувајќи Работнички ниту да се приближи, камоли да се врати во натпреварот. Фрустрациите кулминираа откако Американецот Декоси влезе во конфликт со Дамјан Стојановски, удирајќи го македонскиот кошаркар и заслужено добивајќи исклучување. МЗТ Скопје рутински го доврши мечот, славејќи со убедливи , јасно ставајќи му до знаење на големиот ривал кој е актуелниот шампион на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА