Аеродромци „се коцкаа“, но добија во Кавадарци

МЗТ Скопје ја продолжи победничката низа во македонското кошаркарско првенство со триумф на гостувањето кај Тиквеш од 82-85 во 8. коло.

Аеродромци на натпреварот влегоа со фаворитската улога и веднаш истата ја потврдија одигрувајќи фантастично прво полувреме. „Сино-белите“ ја добија првата четвртина со 15-28, а на полувремето заминаа со предност од 33-49.

Избраниците на Атанасов стигнаа и до највисоките +19 (40-59) во третата четвртина, но следеше голем пад во играта која го искористи Тиквеш. Кавадарчани успеаја брзо да ја стопат негативата, стигнаа и на само -4 (60-64), но немаа сили за целосен камбек.

МЗТ Скопје ја врати стабилноста во последните 10. минути, ја врати и двоцифрената предност, но кога се чинеше дека ќе приреди мирен финиш следеше нов налет на домашните кошаркари.

Во последните 20 секунди МЗТ Скопје имаше предност од само еден напад (82-85), Гил промаши обид за три поени по што последниот напад на средбата им припадна на кавадарчани.

Бошалески беше фаулиран на пет секунди пред крајот, но ги промаши двата обиди од линијта за слободи фрлања за крај на драмата и гостинска победа.

Токму Бошалески со 19 постигнати поени беше лидер на Тиквеш, додека него го следеше Хокинс со 17. По 17 поени за МЗТ Скопје постигнаа Американците Мекејден и Гил.

Се вчитува...