АФМ: Личниот тренер на Јован Стојоски нема лиценца за да оди на СП во Доха

Атлетската федерација на Македонија потврдува дека единствениот македонски претставник на Светското првенство во ателтика во Доха, Јован Стојоски ќе патува на шампионатот без личниот тренер Марина Мишиќ. Причините за тоа според АФМ се немањето валидна интернационална лиценца како и потпишан договор со Атлетската федерација. Затоа АФМ решила Стојоски да биде придружуван од тренер, член на комисијата за состав на репрезентацијата што било според Статутот на федерацијата.

Во продолжение соопштението на Атлетската федерација на Македонија.

На претстојното Светско првенство во атлетика, кое ќе се одржи од 26 септември до 6 октомври во Доха, Катар, Македонија ќе учествува со еден натпреварувач, Јован Стојоски, кој заминува за Доха со “вајлд карта”. Јован ќе биде придружуван од тренер, член на комисијата за состав на репрезентација при Атлетската федерација на Македонија. Воедно и како одговор на скорашната реакција во врска со неговиот личен тренер, Атлетската федерација потврдува дека одлуката за тренер кој ќе го придружува Стојоски ја темели на одлука донесена од тренерската комисија и комисијата за состав на репрезентација при АФМ, кои како тела се повикаа на статутот на АФМ и Законот за спорт на Република Северна Македонија.

Согласно Статутот и сите правилници на АФМ како и Законот за спорт на РСМ неговиот личен тренер поседува лиценца која е валидна само на територијата на Република Србија и поседува потврда за завршен курс во времетраење од 240 часа, истовремено не поседува интернационална лиценца согласно она што е прифатливо и пропишано во статутот на АФМ како една од причините. Воедно, не оспорувајќи ги нејзините резултати како тренер, Мишиќ нема потпишан договор како тренер со Атлетската федерација на Македонија. АФМ продолжува да работи исклучително согласно статутот на федерацијата и тоа е единствената причина заради која Стојоски не патува со тренерот Марина Мишиќ.

Со цел респект за постигнатиот успех и клубот на атлетичарот, сакаме да напоменеме дека натписите на АК Охрид се невистинити и базирани исклучително на лични ставови. Му посакуваме многу успех на Јован Стојоски кој ќе натпреварува на 1. октомври во дисциплината 400 метри како единствен наш атлетичар во Доха.

Се вчитува...