Африкански „цар на златото“ го купува Челси од Роман Абрамович?!

Трката по Челси има нов сериозен „играч“ откако мултимилијардерот од Гана, Бернард Антви Босиако, објави дека е многу заинтересиран да го преземе раководењето со клубот од Роман Абрамович. Станува збор за човек што богатството го направи како сопственик на рудници со злато во Гана, по што сега сака дел од своето богатство да потроши за преземање на контролата врз актуелниот европски и светски клупски првак.

Разговорите меѓу Босиако и Роман Абрамович се веќе стартувани, а за интересот се известени и во британската влада, која мора да даде согласност на купопродажниот договор бидејќи клубот моментно е замрзнат како дел од санкциите врз рускиот милијардер. Вкупната висина на понудата на африканскиот „цар на златото“ изнесува 3,1 милијарда долари.

Можеме да потврдиме дека Бернард Антви Босиако ја разгледува можноста да го купи Челси. Се водат разговори меѓу сите засегнати страни за ова да се реализира. Челси е клуб со извонредно реноме во Африка, фудбалери како Дидие Дрогба и Микаел Есиен се легенди на оваа екипа и можноста за уште поголемо зголемување на репутацијата на клубот на африканскиот континент“, изјави споуксменот на Босиако.

Медиумите на „островот“ објавија дека заинтересираните клубови мораат да ги достават своите понуди до крајот на седмицата, по што се очекува до крајот на месецот да биде комплетирана купопродажбата на гигантот од „Стемфорд бриџ“.

Се вчитува...