Барселона е сигурна дека ќе успее да го регистрира Дани Олмо. И во таборот на самиот играч се убедени дека на крај ќе има регистрација за каталонскиот тим затоа што, како што велат, максимално веруваат во работата на претседателот Жоан Лапорта.
Лапорта изнајми поголем дел од ВИП седиштата на реновираниот „Спотифај Камп Ноу“ за да инкасира околу 100 милиони евра, со што ќе може да ги регистрира Олмо и Пау Виктор во следните денови. Токму поради тоа, деновиве доаѓаат и позитивни тонови и од менаџерскиот круг на Олмо.
„Не сакаме да бидеме загрижени, затоа што сме убедени дека Барселона ќе пронајде решение. Нашата позиција не е променета, Барселона е прва и последна опција за Олмо. Не преговараме со никој друг освен со Барселона. Дани е играч на Барса и сака да остане така, направи голем напор за да се врати во клубот. Дани, неговиот татко и јас не размислуваме за ниту една друга опција“ – вели агентот на Олмо, Енди Бара, притоа дополнувајќи:
„Не е тајна дека се наоѓа во една стресна ситуација за него, која секако би била и за секој друг фудбалер, но Дани е фантастичен играч и извонредна личност и се обидува да остане максимално мирен. Веруваме во Барселона и знаеме дека ќе бидеме дел од каталонскиот тим“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА