Алексис Санчез речиси сигурно ова лето ќе го напушти Арсенал, а како што пренесуваат чилеанските медиуми, следен клуб на најдобриот фудбалер од оваа земја ќе биде Баерн Минхен. Имено, неколку медиуми од Јужна Америка вечерва ја пренесоа веста дека aгентот на Санчез се наоѓа во Минхен каде ги заокружува преговорите со Баерн.
Трансферот на Чилеанецот ќе ги чини „баварците“ 58 милиони евра, а фудбалерот ќе заработува 13 милиони евра по сезона, односно 250,000 евра неделно. За Санчез се интересираа и ПСЖ, Челси, Јувентус и Реал Мадрид, но како што стојат работите во моментов, Баерн е клубот во кој Алексис ќе ја продолжи кариерата.
Една од причините зошто Санчез се сели токму во Баерн, е неговиот пријател и соиграч од репрезентацијата, Артуро Видал, кој наводно му помогнал на неговиот клуб за реализација на трансферот. 28-годишниот фудбалер е несомнено најдобар во тимот на Арсенал веќе втора сезона, но недостатокот на трофеи како и неуспешниот обид за пласман во Лигата на шампини за следната сезона, го натераа Санчез добро да размисли околу својата иднина.
Санчез сезоната 2016/17 во дресот на Арсенал ја заврши со 29 погодоци и 19 асистенции во сите натпреварувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА