Казахстанскиот првак Астана сака да ја раскине соработката со македонскиот репрезентативец Агим Ибраими, со оглед дека го стави на трансфер – листа и најави дека нема да смета на него за следниот период. Како причина за ваквата одлука беше наведена склоноста на Ибраими кон повреди, меѓутоа нашиот интернационалец се повреди, и тоа посериозно, токму на првенствен натпревар за овој клуб.
Велат, нема љубов кога и двајцата не се среќни, па Агим Ибраими е сложен и да си замине од Астана, но доколку клубот му ја исплати годишната плата според договорот. А таа не е нималку наивна сума, и според некои информации, се работи за еден милион евра. Секако дека во наредниот период ќе следат интензивни преговори меѓу агентот на фудбалерот, самиот Ибраими и раководството на Астана, околу отпремнината што тој би ја добил за предвремен раскин на договорот.
Албанските медиуми најавуваат дека за него е силно заинтересиран Партизани Тирана, но и овој клуб мора да ја чека разврската на Агим Ибраими и Астана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА