Агон Елези: Против Малта да покажеме дека Македонија може, дека Македонија вреди и има квалитет!

ЕКИПА во Малта,

Горан Бошев

Агон Елези го привлече вниманието на домашната спортска јавност со повеќе од квалитетното издание во средниот ред на дуелот против Италија.

Елези не крие дека е среќен што за првпат беше стартер во македонскиот дрес, и тоа против европскиот шампион, потенцирајќи сега од овде од Малта дека тоа му е само дополнителен мотив за сите нови предизвици со репрезентацијата.

„Среќен сум за освоениот бод против Италија и за добиената шанса да играм од првата минута во дресот на Македонија. Мислам дека имавме еден навистина успешен натпревар со неутрализација на противникот во средниот ред, и успеавме да ја искористиме својата шанса и за погодок. Мислам дека покажавме карактер со игра до крај против европскиот шампион. Им благодарам и на навивачите затоа што дојдовме до заслужен бод против една таква екипа“ – вели Елези, веднаш дополнувајќи:

„Сега не чека една сосема друга приказна против Малта. Сега ние сме тие кои ќе треба да наметнат темпо, ритам, и ќе мора да покажеме дека оној резултат со Италија не беше случаен. Нормално, сега ќе биде потешко треба да играме и создадеме многу шанси. Но, воопшто не се сомневам во овие момци кои многу пати досега покажале како се игра за репрезентацијата и под притисок, и сигурен сум дека можеме до три бода. Да покажеме уште еднаш дека Македонија вреди, дека Македонија има квалитет, и дека Македонија умее против секаков тип на екипи“.

Македонја утре од 20:45 часот на националниот стадион на Малта во Та Кали го игра квалификацискиот дуел од Групата Ц против Малта. По четири натпревари Македонија има четири бода во групата, а Малтежаните се без бодови.

Се вчитува...