Кун Агуеро по десет години поминати на „Етихад“ е пред заминување од клубот. Договорот на Аргентинецот со Манчестер Сити истекува ова лето, па ќе има можност да го одбере својот следен клуб. За потписот на 32-годишниот напаѓач заинтересирана е Барселона, а со тоа се јавува и прашањето кој ќе ја наследи легендата, кој со 256 погодоци во сите натпреварувања е најдобриот стрелец во историјата на клубот?
Шпанскиот стратег ќе се обиде да ја пополни празнината во составот со „проверен“ играч, а на списокот на желби најзвучно име е Лео Меси. Сонародникот на Агуеро беше голема желба на клубот од Манчестер изминатото лето, а Гвардиола смета дека еден од најдобрите фудбалери на сите времиња е тоа што му треба за да ја оствари и најголемата желба на клубот, трофеј во Лигата на Шампиони. Договорот на Меси со Барселона истекува за шест месеци, а доколку раководството на каталонскиот клуб не ја „санира“ целокупната лоша ситуација во своите редови, 33-годишникот лесно би можел да се пресели во редовите на амбициозниот англиски клуб.
Покрај Меси, при врвот на желбите се наоѓа Ромелу Лукаку. 27-годишниот Белгиец има 252 настапи во Премиерлигата па не би му требало време за прилагодување на елитниот фудбал на „Островот“. Покрај напаѓачот на Интер, тука се и младите Ерлинг Халанд и Лаутаро Мартинез, но на 20 и 23-годишниците ќе им биде потребно најмалку една сезона за адаптација.
Габриел Жезус е првиот избор на Гвардиола оваа сезона, но на 20 одиграни мечеви во сите натпреварувања, Бразилецот има постигнато само седум погодоци, што е далеку од неговиот просек од претходните сезони. Доколку Пеп се одлучи да му верува на 23-годишникот, опција за ново засилување во нападот е Дени Ингс, кој е пред заминување од Саутемптон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

