Со Мино Раиола никогаш не е здодевно, фудбалскиот супер-агент цело минато лето водеше војна со Милан за Донарума, а сега отвори фронт во Холандија, и тоа со фудбалскиот гигант од оваа земја, Ајакс. Темата е Џастин Клајвертс, суперталентираниот тинејџер кој неодамна го зеде Раиола за свој агент, со што почнаа и проблемите во преговорите за нов договор.
Како што објавува холандскиот весник „Де Телеграф“, Раиола инсистира на зголемување на платата на 19-годишниот фудбалер на 1,5 милиони евра по сезона, а згора на тоа и 20% за себе од вкупната вредност на трансферот кога Клајверт ќе си замине од Ајакс. Раководството на холандскиот гигант не сака ни да чуе за ваков развој на настаните, целосно прекинувајќи ги преговорите.
„Не ми пречи на мене да гледаат како на баба-рога. Се грижам за моите клиенти да го добијат она што го заслужуваат, тоа е мојата цел и не ми пречи да бидам критикуван“ – изјави Раиола.
Од Ајакс најавуваат дека немаат намера наскоро да ги продолжат разговорите, а доколку Клајверт не ги намали барањата многу лесно може да биде и изолиран од првиот тим. Дефинитивно, војната ќе продолжи и во текот на летово, па интересно ќе биде да се види дали Раиола на крајот ќе го добие она што го посакува, како што тоа беше случај со Донарума и Милан пред самиот старт на оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА