Екипата на Ајнтрахт го продаде Екитике за сума од над 90 милиони евра, со што бундеслигашот од Франкфурт ја продолжи серијата трансфери со неверојатни заработки на своите голгетери. Офанзивниот фудбал на кој инсистира Ајнтрахт придонесува напаѓачите да се најдат во главна улога, нивната цена да скокне, по што следат и богати трансфери од кои овој бундеслигаш одлично заработува.
Оваа фантастична серија почна со Лука Јовиќ, Србинот најпрвин играше една година на позајмица од Бенфика, а потоа во 2018 беше откупен за 22 милиони евра. По одличната сезона 2018/19 во која беше стрелец на 27 гола во сите натпреварувања, Јовиќ беше продаден на Реал Мадрид за 63 милиони евра.
Негов партнер во нападот тогаш беше Себастијан Але, кој во 2017 пристигна од Утрехт за 12 милиони евра. Тандемот со Јовиќ функционираше беспрекорно, па високиот центарфор беше продаден во Вест Хем за 50 милиони летото 2019 година.
Најголема заработка дефинитивно беше онаа на Коло Муани, кој дојде во клубот како слободен играч, по истекот на договорот со Нант. Французинот блескаше во Бундес-лигата, па пок СП во Катар беше продаден на ПСЖ за 95 милиони евра.
По заминувањето на Муани беше формиран нов напаѓачки тандем, Мармуш – Екитике, кој исто така за кратко време достигна топ-цена и беше продаден. Во јануари годинава прв беше продаден Мармуш, кој дојде летото 2023 без отштета од Волфсбург, а замина за загарантирани 70 милиони евра во Манчестер Сити.
Извонредната серија продажби кулминираше со летниот трансфер на Екитике, кој беше откупен од ПСЖ за само 16,5 милиони евра во февруари 2024 година, а година и половина подоцна неговата вредност ја мина границата од 90 милиони евра.
„Фабрика за пари од голгетери“, тоа е Ајнтрахт Франкфурт… секоја чест на управата на овој германски прволигаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

