Новиот македонски прволигаш Академија Пандев, потврдувајќи ја својата определба за максимална професионалност во својата дебитантска сезона во елитното друштво, одлучи прволигашката одисеја да ја почне со ново усовршено лого, притоа на денешната прес-конференција промовирајќи и новите дресови на спортскиот бренд „Живова“, кои ги носат претпознатливите сино-бели бои. Дресовите ќе бидат достапни за сите во фан продавницата која ќе биде дел од спортскиот центар на Академија Пандев.
А, како што е познато, спортскиот центар во Струмица е во изградба. Ќе биде завршен во 2018 година. Центарот ќе им ги овозможи сите услови потребни за работа и напредок на младите. Во центарот покрај терените за тренинг, ќе има и Спа центар, како и теретана.
Што се однесува за амбициите на клубот, Пандев вели дека има одреден буџет и дека со паметни потези на маркетот, клубот може да обезбеди солиден пласман во дебитантската сезона во Првата лига.
„Не сакам сега да потенцирам одредена сума, но клубот има буџет со кој ќе може да донесе неколку засилувања. Доколку сме паметни за време на овој преоден рок, можеме да составиме тим со кој ќе обезбедиме настап во Првата лига и за следната сезона“ – истакна Пандев.
Од клубот соопштија дека во иднина ќе се стартуваат школи и во другите градови во Македонија. Засега договорени се во Гостивар, Тетово, Куманово како и општините Илинден и Гази Баба. Исто така ќе се стартува и со одржување на „Пандев куп“ со учество на 144 екипи, а ќе се стартува и со „Камп на Горан Пандев“ кој се очекува да почне во 2018 година, во Охрид и во Струмица.
[new_royalslider id=”702″]
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА