Тренерски потреси во изминатите десетина дена во нашата прва лига. Почна со оставката на Гоце Седлоски од клупата на Шкупи, па продолжи со разделбата на Ѓорге Стојчев со Академија Пандев, и на крајот отказ за Артим Шаќири од таборот на Шкендија. Никогаш не се случило нашите први три клуба во изминатиот шампионат за само шест кола да сменат тренери.
Академија Пандев и Шкендија се очекува денеска да назначат тренери, додека Шкупи ќе ја продолжи потрагата по наследник на Седлоски. Во Шкендија се враќа добро познато име – Ќатип Османи. И како играч и како тренер, Османи стана легенда на клубот, особено како тренер со кого Шкендија освои три шампионски титули. Османи ќе го наследи Шаќири на клупата на тетовските „црвено-црни“ и ќе се обиде да дојде до нова титула, иако во моментов заостанува цели седум бодови од лидерската позиција.
И во Академија Пандев се враќа добро познато име. Александар Васоски ќе ја прифати понудата од тимот од Струмица за враќање во екипата, откако ја напушти по крајот на есенскиот дел од минатата сезона, приклучувајќи му се на тимот на Сараево. Но, таа „авантура“ траеше кратко, Васоски во мај ја напушти функцијата. Беше поврзуван и со клупата на Шкупи, меѓутоа е многу блиску да замине во Струмица.
Шкупи, пак, ја продолжува потрагата по нов тренер. Според информациите на ЕКИПА, откако не успеа со Васоски, тимот ќе се сврти кон странско решение. Се споменуваат неколку тренери од Турција кои би можеле да бидат наследници на Седлоски. Во моментов екипата ја води Гокхан Бозкаја, но тој е привремено решение додека не се најде долгорочно. Меѓу домашните имиња со кои се шпекулира се Адријан Нухиу и Зекирија Рамадани, кои веќе седеа на клупата на Шкупи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

