Македонија преку Академија Пандев од 2018 година ќе го има еден од најсовремените тренинг центри во Југоисточна Европа.
Како што е познато Спортскиот центар на Академија Пандев е веќе во изградба во Струмица, а се очекува да биде пуштен во употреба во март следната година. Согласно желбата на неговиот сопственик, Горан Пандев, граден е согласно најсовремените стандарди кои овозможуваат максимални услови за работа со најмлади категории фудбалери но и високопрофесионални услови за работа на првиот тим.
Како што беше соопштено на денешната прес-конференција, целокупниот проект чини 4,6 милиони евра. Во склоп на истиот ќе има спортски терени, деловни простории, фитнес и спа-центри. Тоа го најавија членовите од управата на клубот, Илија Матеничаров, Југослав Тренчовски и Дарко Костовски.
Желбата е по пуштањето на Спортскиот центар во употреба, од април следната година Академија Пандев да ја заврши сезоната во Првата лига токму на главниот терен на луксузниот комплекс. До тогаш, планот е да се игра на стадионот „Младост“ во Струмица, или евентуално на „Кукуш“ во Турново, во зависност од условите.
Академија Пандев како свои нови фудбалери ги има голманот Никола Вујанац од Силекс и Костадин Чешмеџиев од Македонија ЃП. Досегашниот фудбалер Филип Деспотовски останува во клубот како скаут, а Драган Начевски ќе биде дел од стручниот штаб.
Тимот своите подготовки за новата сезона ги стартува од утре. До 9. јули ќе се работи во Струмица, а потоа се заминува во Банско каде се договорени и шест пријателски натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА