Академија Пандев денеска во Струмица ја промовираше најновата ГПС опрема „ГПРЕХЕ“, преку која сателитски во секој момент ќе се следи работата, капацитетот и перформансите на своите фудбалери во желбата за што подобар нивен развој.
Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, во насока на создавање што подобри услови за работа на својот тим, заедно со стручниот тим од Академијата се одлучи на набавка на 24 ГПС уреди.
Академија Пандев е прв клуб во Македонија кој ќе работи со ваква опрема за време на тренинзите, но и натпреварите, а втор на Балканот по грчки Панатинаикос. Опремата е вредна 30 илјади евра, набавена од Италија, а со неа тренерите во клубот ќе имаат детална слика за работата на организмот на секој фудбалер, неговиот напор, енергија, истоштеност, сила и колку тој е подготвен за еден натпревар.
„Секоја опрема неопходна за подобрување на перформансите на фудбалерите ние се обидуваме да ја набавиме. Претходно следевме начин на работа на неколку клубови во Италија, па токму во таа насока, собирајќи одредено искуство се одлучивме да ја набавиме оваа опрема ГПЕХЕ, која е од исклучителна важност за развој на фудбалерите. Со неа буквално се добива детални слика за секој фудбалер пооденично, прецизни анализи за неговите капацитети и анализи околу надминување на одредени пречки во фудбалскиот раза. Податоците се сервисираат преку саталетската дата база, па така во живо постојано ќе ги имаме сите неопходни податоци за играчите“ – истакна на денешната промоција, координаторот на Академија Пандев, Југослав Тренчовски.
На промоцијата на новата опрема, меѓу присутните фудбалски работници од земјава беше и македонскиот селектор Игор Ангеловски.
„Овој вид опрема е секојдневие за големите европски и светски клубови, бидејќи веднаш се добива информација околу (не)подготвеноста на еден фудбалер, и сигурно ние мора да го следиме овој начин на работа во клубовите. Академија Пандев ете внесува европски трендови во своето работење, во желбата за унапредување на перформансите на своите фудбалери, и сигурно тоа е позитивни за сите нас кои работиме во репрезентативниот фудбал“ – истакна Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА