Арсенал по долго време нема да игра во Лигата на шампионите, а тоа е знак и за Арсен Венгер да ја промени трансферната политика на „топчиите“. Тој досега не сакаше да троши преголеми пари на скапи засилувања, туку се одлучуваше за млади фудбалери кои подоцна прераснуваат во ѕвезди во Премиер – лигата. Но, очигледно е дека така Арсенал и не е премногу конкурентен во трката за шампионската титула, па дури и за обезбедување на место во ЛШ.
Оттаму ова лето треба да има драматичен пресврт во стратегијата на Арсен Венгер. Тој одлучи да троши многу, па иако засега е се само на обиди, се најавуваат неколку големи засилувања на „Емирати“. Арсенал влезе во трката за Килијан Мбапе, напаѓачкото чудо на Монако, и понуди 135 милиони евра, но конкуренцијата е жестока, затоа што во редот се и Реал Мадрид, ПСЖ, Баерн Минхен, Манчестер сити, Манчестер јунајтед…
Венгер има и „план Б“, доколку извиси за трансферот на Мбапе. Французинот сака на „Емирати“ да го доведе Антони Марсијал, напаѓачот на Манчестер јунајтед, кој падна во втор план минатата сезона, по доаѓањето на Жозе Мурињо. За него Венгер е подготвен да плати 40 милиони фунти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА