Ако нема фудбал: Елмас ќе ќари за сметка на Интер, најголем профитер – Арсенал

УЕФА ќе инсистира што поголем дел од лигите ширум Европа да се завршат на терен, но од европската куќа на фудбалот стигнаа и најави дека оние шампионати кои нема да финишираат, актуелните лидери нема да имаат загарантирано место во Лигата на шампионите. Поточно, челниците на УЕФА најавија дека во таква ситуација би решиле кои екипи ви играле во Европа врз основа на сопствена ранг-листа од последните пет години, па во следната сезона во ЛШ и ЛЕ би играле најдобро позиционираните клубови врз основа на петгодишниот ефект во квалифиакциите, групната и нокаут фазата во европските натпреварувања.

Ова остава простор и за неколку небулозни ситуации, тимови кои немаа никакви шанси да стигнат до место во Лигата на шампионите, сега да бидат блиску до елитното друштво, секако доколку сезоните во нивните земји не бидат финиширани.

Арсенал би станал најголем профитер во оваа ситуација доколку Премиер-лигата биде прекината. „Топчиите“ моментно се на 9. место во Премиер-лигата, немаат шанси да се приклучат до врвот, но би се нашле во ЛШ заедно со Ливерпул и Манчестер Јунајтед. Овде има место и за Манчестер Сити, но доколку казната на УЕФА остане на сила, местото на „граѓаните“ ќе му припадне на Тотенхем. Лестер би бил најголем „лузер“, губејќи го местото во ЛШ за билет во Лигата на Европа, заедно со Челси и со Вулверхемптон.

Елиф Елмас и  Наполи се далеку од место во Лигата на шампионите, но тимот предводен од Џенаро Гатузо би се нашол повторно во елитното натпреварување според рангирањето на УЕФА, заедно со Јувентус, Рома и Лацио. Интер и Аталанта, кои моментно се наоѓаат во Топ 4 во Калчо-лигата, во тој случај би играле само во Лигата на Европа.

Што се однесува до Германија, Баерн Минхен и Борусија Дортмунд секако се во Лигата на шампионите, но во однос на актуелната табела пласманот во елитното друштво би го загубиле Лајпциг и Борусија Менхенгладбах, а на нивно место би влетале Шалке и Баер Леверкузен.

Најмалку промени би имало во Шпанија, каде Барса, Реал Мадрид и Севилја секако би се нашле во ЛШ, а ако УЕФА ги бира патниците, четвртиот билет би го добил Атлетико Мадрид за сметка на Реал Сосиедад.

Досега само Бундес-лигата има конкретна најава за продолжение од 9 мај, сите останати шампионати изразуваат желба за повторно да играат, но чекаат на државните власти да дадат зелено светло и датум.

Се вчитува...