ЕКИПА во Вадуз, Лихтенштајн
Никола Ѓуровски
Одамна си велев дека е срамота да се споредуваме фудбалски со Лихтенштајн. А сега и дојдов, и се уверив. Ако треба овие да не ’тепаат’ – треба да одиме сите да се ’отепаме’. Секако, тие се само 37.000 во целата своја држава. Ние, малку од малку, не има 2 милиони…Не е исто, нели. Ама, сепак, треба фудбалски да се споредиме, барем како најава на вечерашниот квалификациски натпревар.
Гледам, и репрезентативците наши ја форсираат тезата дека Македонија не е апсолутен фаворит. Добро, можеби сакаат „да спуштат топка“, што се вели со фудбалски речник. Да не го ’палат’ противникот предвреме, и без потреба.
Инаку, еве…да се споредиме преку стадионите. Не дека ние ги имаме многу, имаме само еден, ама „Филип Втори“ за ова овде е галаксија. Иако, мора да се признае, дека „Рејнпарк“ стадион, кој има капацитет од околу 6.000 гледачи, наизглед делува како симпатично фудбалско кутивче.
Вечерашниот меч македонските репрезентативци ќе го играат на „Рејнпарк“ стадион во Вадуз. Фудбалско кутивче, реновирано и доизградено пред десетина години. Во ред, ’брка работа’ за нивните очекувања. Но, сепак, нема ниту елементарни услови за одигрување на квалификациски натпревар. Иако мора да се признае дека трибините и теренот, каде што всушност и ќе се одвива самиот натпревар – се повеќе од пристојни.
Но, да речеме дека прес – центарот е најмал од сите во Европа што сме ги виделе и посетиле, и каде што се играат квалификациски натпревари под закрилата на УЕФА. И има едвај десетина училишни столчиња за новинари. Тоа е официјалната прес – сала за изјави по натпреварите. А тоа што треба да е простор за медиумска работа, е всушност контејнер…Со исто така десетина места. Така, уште синоќа, на официјалниот тренинг си поставивме адекватно прашање…Кога ќе дојдат овде италијански или шпански новинари, кои редовно доаѓаат по триесетина и повеќе, од каде ли работат?! Можеби од Швајцарија, затоа што ако застанат во редица, Лихтенштајн нема да ги собере, нели…?!
Но, да не се фалиме многу, затоа што на крајот резултатот во фудбалот се мери според прикажаното на теренот. Ќе треба момците на Игор Ангеловски навистина да покажа дека се класа за Лихтенштајн. Тие се сепак со години аутсајдери во фудбалска Европа…Не дека и ние сме нешто многу подобри, иако има периоди кога навистина знаеме да си припишуваме и такви епитети.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА