Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, смета дека Стивен Џерард му е потребен на Ливерпул за клубот да има успех во иднина, истакнувајќи дека токму легендата на „црвените“ треба да го наследи на клупата кога тој ќе замине.
Џерард по една сезона во ЛА Галакси стави крај на фудбалската кариера и се врати во клубот каде го помина поголемиот дел од својот живот, за да работи како тренер во академијата на Ливерпул. Германскиот стратег во интервју за „Тајмс“ истакна дека Џерард треба да биде негов наследник, кога евентуално Клоп ќе замине или ќе добие отказ од клубот.
„Му кажав дека кога ќе заминам од тука, без разлика дали тоа ќе биде по моја волја или ќе ми биде врачен отказ, сакам Џерард да биде мој наследник на клупата. Иако има уште многу да учи во оваа струка, верувам дека ќе биде многу добар менаџер, како што беше и фантастичен фудбалер. Џерард му е потребен на клубот, како што клубот му е потребен нему. Тој живее за Ливерпул“ – изјави Клоп.
Поранешниот тренер на Борусија Дортмунд во јули минатата година го продолжи договорот со тимот од Мерсисајд на шестгодишна соработка, што значи дека Клоп ќе го води тимот најмалку до 2022 година. В недела ќе се одигра последното коло од годинашната сезона во Премиер – лигата, а Ливерпул доколку триумфира над Мидлсборо ќе се пласира во квалификациите за Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА