Неизвесноста околу иднината на европската клупска кошарка продолжува, а генералниот директор на Фенербахче, Дерја Жаниер, открива дека европските шампиони сè уште не донеле конечна одлука во кое натпреварување ќе играат во наредните години.
Новиот директор на елитното европско натпреварување, Чус Буено, изјави дека клубовите ќе мора да се изјаснат до крајот на март, но се чини дека клубот од Босфорот сè уште не е подготвен да го склучи договорот – разговорите и со Евролигата и со НБА сè уште се во тек.
Жаниер признава дека процесот на донесување одлуки трае веќе долго време и дека ситуацијата не е едноставна.
„Размислуваме за оваа тема веќе една година. Преговорите со двете организации се уште се во тек, а има многу непознати. Одлуките што ќе ги донесеме ги засегаат милионите навивачи, па затоа верувам дека најважно е сите да седнеме на иста маса. Личните интереси мора да се стават на втор план заради самата кошарка. Ова е единствениот начин да го решиме хаосот што моментално постои во Европа и да ги отстраниме пречките што нè спречуваат да го оствариме нашиот целосен потенцијал“, вели турскиот функционер.
Тој зборуваше и за финансиската страна од учеството во европското натпреварување, истакнувајќи дека секако има простор за поголем профит.
„Се создаде впечаток дека Евролигата воопшто не носи приходи, и до одреден степен го разбирам таквото размислување. Заработката треба да биде поголема. Сепак, ако ја завршиме сезоната меѓу првите четири екипи, ќе собереме околу пет милиони евра од самото натпреварување. Покрај тоа, брендот Фенербахче има огромна вредност и очекуваме да надминеме десет милиони евра само од продажба на билети“, истакна Жаниер.
Тимот предводен од клупата од Шарунас Јасикевичиус минатата сезона ја освои европската титула победувајќи го Монако во финалето со резултат 81-70.
Во тековната сезона, турскиот гигант доминира – тој е прв на табелата со скор од 22-7 и серија од 19 последователни победи во сите натпреварувања.
Следниот предизвик ги чека во Белград, каде што ги очекува Црвена Звезда во дербито на колото (петок, 20 часот).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

