Ал Хилал сака да го потпише Салах за клупскиот Мундијал

Ал Хилал лани во голем стил ја освои титулата во Саудиска Арабија, победнички ја стартуваше и новата сезона и моментно е лидер на табелата, но амбициозната управа на клубот е решена дополнително да го засили играчкиот кадар.

Ал Хилал следното лето ќе учествува на клупскиот Мундијал, желба на сите во клубот е да се стигне најмалку до полуфиналето, а за остварување на таа цел шампионот на Саудиска Арабија веќе тргнал во офанзива за потписот на Мохамед Салах. „Фараонот“ на Ливерпул игра во одлична форма, веќе има девет гола и девет асистенции сезонава, но преговорите за продолжување на договорот што му истекува следното лето засега не носат посериозен напредок.

Токму на оваа карта играат богатите шеици од Ал Хилал, кои подготвуваат мегапонуда со која би го довеле Салах во Саудиска Арабија. Деталите засега не се откриваат во јавноста, но Египќанецот би бил втор најплатен фудбалер во земјата, веднаш зад Кристијано Роналдо и би го зазел местото во тимот на Нејмар, кој дефинитивно нема да добие нов договор по завршувањето на оваа сезона.

Фановите на Ливерпул се надеваат дека управата ќе најде заеднички јазик и ќе успее да потпише нов договор со Салах, а ако тоа не се случи тогаш Ал Хилал дефинитивно ќе биде еден од водечките тимови во трката по фантастичниот голгетер.

Се вчитува...