Ал Келаифи бесен на Јуве: Ме правите луд со недели, ова нема да ви го заборавам

ПСЖ имаше релативно мирен преоден рок во кој управата на европскиот првак ги исполни желбите на тренерот Луис Енрике, воедно успевајќи и да се ослободи од голем дел од играчите на кои шпанскиот стратег најави дека нема да смета за оваа сезона. Еден од нив е и Коло Муани, францускиот репрезентативец кој последните шест месеци ги мина на позајмица во Јувентус, сакаше да се врати назад во италијанскиот клуб, но „црно-белите“ од Торино не најдоа заеднички јазик со ПСЖ за овој трансфер да се реализира.

Последните информации од Франција говорат дека првиот човек на ПСЖ, Насер ал Келаифи е бесен на Јувентус поради начинот на кој беа водени преговорите, свесно одолговлекувани до самиот крај на преодниот рок. Јувентус најпрвин понуди сума за перманентен трансфер, а кога беше блиску до договор со ПСЖ ја смени „формулата“ и се врати со нова понуда – за позајмица, за која потоа се дискутираше повеќе од еден месец.

Ал Келаифи наводно самиот ги прекинал преговорите неколку дена пред крајот на преодниот рок, јасно ставајќи му до знаење на директорот на Јуве, Дамијен Комоли, што мисли за неговите методи.

„Ова не е нормално. Со недели ме правите луд, како да преговараме, а стоиме во место… Готово е, оваа битка нема да ја добиете, ви го гарантирам тоа.. И ви ветувам дека ќе ги запаметам методите што ги користевте, верувајте ми“, му порачал Ал-Келаифи на Комоли, по што преговорите биле целосно прекинати.

Епилогот е добро познат, Ал Келаифи потоа го известил Коло Муани дека камбек во Јувентус не е возможна опција за него, по што францускиот напаѓач заврши на позајмица во Тотенхем.

Се вчитува...